Emre Gürkan Abay
28 Јули 2022•Ажурирај: 29 Јули 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека сѐ уште не е постигнат договор за размена на затвореници меѓу Русија и САД, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за медиумите дадена во Москва, Песков ги оцени наводите дека Русинот Виктор Бут, кој е затворен во САД, ќе биде разменет за Американците Бритни Грајнер и Пол Велан, кои се затворени во Русија.
Посочувајќи дека има различни изјави и информации на оваа тема, Песков рече: „Кога се разговара за такви прашања, информации не се споделуваат. Обично, информациите се кажуваат откако ќе се постигне договор. Она што го знаеме е дека сѐ уште нема договор.“
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во писменото соопштение наведе дека прашањето за размена на затвореници било дискутирано меѓу американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин во минатото.
Истакнувајќи дека двајцата претседатели им наложиле на релевантните единици да преговараат за ова прашање, Захарова рече: „[Преговорите] Се водат од страна на релевантните институции. Сѐ уште не се постигнати конкретни резултати, но претпоставуваме дека при преговарачкиот процес, интересите на двете страни треба да бидат земени предвид.“
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во вчерашната изјава рече дека „подготвиле важен предлог“ до Москва за екстрадиција на Грајнер и Велан и дека за ова прашање наскоро ќе се сретнат со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров
Во некои американски медиуми беше истакнато дека САД понудиле да го екстрадираат Виктор Бут на Русија во замена за Грајнер и Велан.