МОСКВА (АА) - Ќе ја продолжиме соработката со САД на подрачјето на Сирија. Подготвени сме да го вратиме еднострано суспендираниот договор за воздушната безбедност, порача во Москва, министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, по состанокот со американскиот колега Рекс Тилерсон, јавува Anadolu Agency (AA).
Лавров зборуваше на прес-конференцијата во Москва, по состанокот со министерот за надворешни работи на САД, Рекс Тилерсон, а истакна дека за време на состанокот зборувале и за билатералните односи, како и за глобалните теми.
„Многу проблеми останаа зад поранешната администрација на САД. Потребно е да се вложат напори за нивно решавање. Во случај од страна на САД да биде направен чекор, ние порачавме дека сме подготвени за тоа. Гледаме дека се прават напори за нарушување на нашата соработка. Но, историјата покажа дека кога две земји добро соработуваат, целиот свет од тоа има корист“, порача Лавров.
Рускиот министер порача дека и покрај сите актуелни проблеми со САД, неговата земја е подготвена за конструктивна соработка на секое ниво.
„Времето што го издвоивме за нашите разговори не помина залудно. Очекуваме и од САД да направат чекори во таа насока“, изјави Лавров.
Тој додаде дека станало збор и за нападот со хемиско оружје на сирискиот град Идлиб, и истакна дека неговата земја се залага за тоа нападот со хемиско оружје да се истражи на сеопфатен начин.
„Никого не сакаме да обвинуваме, а ниту да штитиме. Ние инсистираме сите овие настани да се истражат на објективен начин. Во таа смисла, сметаме дека предлозите на резолуцијата на СБОН, со кои се обвинува администрацијата од Дамаск, нема да бидат ефикасни“, истакна Лавров.
Тој додаде дека Русија ќе упати барање до Организацијата за забрана на хемиското оружје и до ОН, да се спроведе детална истрага во Идлиб и во базата Шајрат, од каде што полетаа авионите. Како што изјави тој, увиделе дека и САД се подготвени да го поддржат тоа.
Лавров го истакна тврдењето дека САД не изнеле доволно докази во врска со Идлиб. На прашањето каков ќе биде ставот на Русија ако се докаже дека Асад користел хемиско оружје, Лавров одговори: „Не се занимаваме со шпекулации“.
Сепак, Лавров нагласи дека неговата земја ќе продолжи да соработува со САД кога е во прашање Сирија.
„Претседателот Путин изјави дека кога ќе биде потврдена целта на САД за борбата против тероризмот, подготвени сме да се вратиме на договорот за воздушна безбедност. Борбата против ДЕАШ и против другите терористички организации и понатаму е наша заедничка цел“, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
И Тилерсон во своето обраќање се осврна на нападот со хемиско оружје во Идлиб, а порача дека нападот во Идлиб не е единствениот напад од тој тип.
„Нападот на режимот на Асад од минатата недела е само последен од серијата напади. Пред тоа се извршени напади со хлорна бомба и со различни хемиски оружја, на 50 различни места“, изјави Тилерсон.
Кога е во прашање ситуацијата во Сирија, Тилерсон порача:
„Двете земји (САД и Русија) веруваат дека Сирија треба да биде целосна и стабилна. Не сакаме оваа земја да стане сигурно место за терористите кои сакаат да ги нападнат нашите земји“.
Тилерсон исто така изјави дека моментално односите меѓу САД и Русија се на ниско ниво и треба дополнително да се развиваат.
„Постои сериозен проблем со довербата меѓу нашите земји. Односите на двете светски нуклеарни сили не би требало да бидат вакви“, порача шефот на американската дипломатија, Рекс Тилерсон.
news_share_descriptionsubscription_contact
