Esra Taşkın
20 Мај 2022•Ажурирај: 22 Мај 2022
ПАРИЗ – Марин Ле Пен, лидерката на екстремната десница која беше кандидатка за претседател на последните избори во Франција, изјави дека Турција покажала значајни дипломатски напори за воспоставување мир во Руско-украинската војна, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју емитувано на локалниот канал БФМТВ (BFMTV), Ле Пен ги коментира националните и меѓународните прашања, посветувајќи внимание на испраќањето француско оружје во Украина и на општите избори.
Посочувајќи дека е потребно продолжување на дипломатските патишта со рускиот претседател Владимир Путин за да се стави крај на Руско-украинската војна, Ле Пен истакна дека и Турција, исто така, направила значајни дипломатски напори за создавање алатки кои ќе обезбедат мир.
Ле Пен истакна дека доколку не дојде до некаква исклучителна состојба, таа нема повторно да се кандидира на претседателските избори.
– Критики упатени до Макрон
Посочувајќи дека три недели по изборите, претседателот Емануел Макрон назначил нов премиер, лидерката на екстремната десница како „ненормален“ го опиша фактот дека сè уште не е формирана новата влада, во време кога Французите се соочуваат со сериозни проблеми со куповната моќ, растот на цените на нафтата и „инфлација која создава чувство на болка“.
Запрашана за изјавата на Макрон дека испораките на оружје за Украина ќе продолжат да се зголемуваат, Ле Пен рече: „Реков уште на самиот почеток. Се согласувам на Украина да ѝ се обезбедат сите средства за да се брани, но доколку [Франција на Украина] почне да ѝ испраќа убиствено оружје, тогаш се соочува со ризикот да биде видена како партнер во војната.“
Укажувајќи дека на меѓународната арена земјите ќе бидат видени како поддржувачи на мир или на војна и дека нема трета опција, Ле Пен рече: „Не посакувам нашите владетели да нѐ вовлечат во несакана светска војна.“
– Прашање за буркини костимите за капење во Франција
Во врска со гласањето на Градскиот совет на градот Гренобл на почетокот на неделата, со кој од 1 јуни во јавните базени во градот ќе биде дозволено користење буркини (костими за капење за муслиманките кои носат хиџаб), Ле Пен рече дека Националното собрание треба да донесе закон во врска со користењето буркини.
Изјавувајќи дека костимите за капење за муслиманките кои носат хиџаб претставуваат закана за секуларизмот во Франција, Ле Пен тврди дека тоа е еден вид показател на „комунитаризам и сепаратизам“.