Ekip
05 Август 2020•Ажурирај: 05 Август 2020
БЕЈРУТ
Либанскиот министер за јавни работи и транспорт, Мишел Најџар изјави дека експлозијата на пристаништето во Бејрут предизвикала голема штета и уништила поголем дел од пристанишните објекти и складишта, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи за либанскиот локален канал LBC, Најџар изјави дека либанските власти започнале да поставуваат алтернативни планови за пристаништето во Бејрут, за кое ќе биде потребно време да се изгради повторно.
„Ќе зависиме од пристаништето во Триполи во северен Либан, каде што во моментот вршиме проценка на капацитетот заедно со другите пристаништа во Сидон и Тире“, изјави тој.
Според најновите податоци кои ги објави Црвениот крст на Либан во експлозијата загинаа најмалку 100, а повредени се 4.000 лица.
Премиерот Хасан Диаб денес прогласи ден на жалост и вети дека одговорните за оваа катастрофа ќе ја платат цената. Диаб, исто така, апелираше на меѓународна помош за погодениот Либан.
По смртноносната експлозија, либанскиот Врховен совет за одбрана прогласи вонредна состојба за две недели во Бејрут. Главниот град е прогласен за област на катастрофа како последица на инцидентот.
Експлозијата се случи во чувствително време кога либанската економија се соочува со најлошта криза во последните децении. Исто така се случи неколку дена пред Специјалниот трибунал на ОН за Либан да ја објави својата пресуда за случајот со атентатот врз поранешниот либански премиер Рафик Харири.