АНКАРА / ИСТАНБУЛ
Пристаништето во Бејрут, главниот град на Либан, едно од најголемите пристаништа на Медитеранот, кое беше уништено од големата експлозија, се сметаше за главен извор либанската економија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пожар вчера најпрво избувна во магацинот 12 во главното трговско пристаниште во Либан, каде што биле складирани експлозивни материи.
По пожарот, во складот се случи многу силна експлозија, која го потресе целиот Бејрут, а како резултат на тоа стотина луѓе загинаа, а илјадници се повредени.
Либанските власти објавија дека 2.700 тони амониум нитрат, чувани во магацинот 6 години, експлодирале при нивното товарење за да бидат испратени во една африканска земја.
Бејрутското пристаниште, кое во голема мерка е уништено од експлозијата, се наоѓа на медитеранскиот брег во северниот дел од главниот град.
Сместено во подножјето на либанските планини, пристаништето игра важна улога во либанската економија како едно од најголемите и најпрометните пристаништа во Источниот Медитеран.
Уште од времето на Римската империја пристаништето во Бејрут претставува значајно регионално трговско пристаниште сместено во поддрачјето Левант, кој ги опфаќа Либан и Сирија, и е важна економска врска меѓу Истокот и Западот.
Важноста на ова пристаниште потекнува од неговата стратешка локација, бидејќи ги поврзува Средоземното Море со Блискиот Исток и претставува премин меѓу азискиот и африканскиот континент.
Пристаништето, кое по проширувањето беше отворено во 1894 година за време на османлискиот период, во 1925 година извесно време беше во рацете на Французите. Ова пристаниште премина во рацете на Либанците во 1960 година.
Пристаништето претрпе големи оштетувања за време на граѓанската војна која во Либан започна 1975 година, а по завршувањето на војната од 1990 година досега е во процес на реструктуирање и проширување.
Пристаништето во Бејрут опфаќа површина од 1,2 милиони квадратни метри, има патнички и карго терминали, во кои спаѓаат и објектите за складирање на контејнери, автомобили, сув и течен товар.
На просторот на пристаништето за депонирање товар има 12 магацини и еден амбар со капацитет од 120.000 тони. Бејрутското пристаниште во исто време има годишен капацитет за транспорт од 1 милион 200 илјади контејнери.
Вкупната површина на водениот басен на пристаништето е 1.002.000 квадратни метри, а вкупната должина на пристаништето изнесува 5.655 метри.
Благодарение на стратешка локација и можностите што ги поседува, најголемите светски поморски компании за транспорт го користат ова пристаниште како трансферен центар.
Пристаништето во Бејрут, кое е од витално значење за либанската економија, познато е и како влезна порта за поголемиот дел од увезените производи во земјата.
Пристаништето во Бејрут е едно од најважните пристаништа во Источен Медитеран и портата на Либан преку која по морски пат се отвора кон светот.
Според индексот објавен во извештајот „Линија за испорака“ објавен од страна на Конференцијата на Обединетите нации (ООН) за трговија и развој (UNCTAD) од 2018 година, благодарение на покажаниот перформанс, пристаништето во Бејрут беше рангирано на 38-то место меѓу 171 пристаниште низ светот. На регионално ниво, според истиот индекс, ова пристаниште се најде на 6-то место меѓу пристаништата на земјите од Блискиот исток. Во извештајот се истакнува и важноста на пристаништето во Бејрут, како на локално така и на глобално ниво.
Со својата геостратешка позиција, ова пристаниште е едно од најважните пристаништа што ги поврзува Јордан, Саудиска Арабија, Ирак и другите земји од Заливот со Медитеранот.
Според информациите објавени на веб-страницата „portdebeyrouth“, каде се споделени официјалните податоци поврзани со пристаништето во Бејрут, од 2005 година навака во постојан раст се приходите што пристаништето и ги носи на земјата. Според информациите објавени на веб-страницата, вкупните приходи од пристаништето во Бејрут во 2005 година изнесувале 89 милиони, додека во 2017 година вкупните приходи се искачиле на 313 милиони долари.
Нето-добивката што од пристаништето влегуваат во касата на либанската влада во 2005 година изнесувала 14 милиони американски долари, додека во 2017 година нето добивката се искачи на 124 милиони американски долари.
Во 2002 година на пристаништето биле вработени вкупно 1.029 лица, а со развојот на технолошката инфраструктура на пристаништето, бројот на вработени во 2017 година е намален на 281.
Во 2002 година Либан од пристаништето во Бејрут остваруваше нето добивка од 3,2 американски долари од секој транспортиран тон, додека во 2017 година оваа бројка се зголеми на 15 американски долари за тон.
Пристаништето, во исто време им овозможува на голем број меѓународни транспортни компании да работат во Либан и да вработуваат локални и странски работници.
Покрај тоа, голем број туристички бродови и други поморски пловила кои се прикотвуваат во Бејрут даваат голем придонес за националната економија на Либан.
news_share_descriptionsubscription_contact
