Gökhan Kavak
03 Јануари 2018•Ажурирај: 04 Јануари 2018
МОНРОВИЈА (AA) - ЃОКАН КАВАК/МОМОЛУ ДАРЛИ - Жителите на западноафриканската држава Либерија, веќе 17 години ги читаат вестите напишани на една црна табла поставена на улица.
На таканаречениот уличен весник во Монровија, главниот град на оваа земја, секој ден се пишуваат вести со креда, а читателите имаат можност бесплатно да ја користат услугата.
Вестите на црната табла поставена покрај улицата во центарот на градот, се објавуваат на англиски јазик, кој е официјален јазик во земјата.

Главниот уредник на весникот „Daily Talk“ (Дејли Ток), Алфред Сирлиф, истакна дека од 2000 година секојдневно ги известуваат своите читатели за локалните и меѓународните настани.
„Весникот кој го подготвуваме со пишување на црната табла со креда и со поставување фотографии започна со цел да се понудат бесплатни вести за Либеријците. Нашата цел е населението да се информира за настаните во земјата и светот“, рече тој и додаде дека весникот се состои од само една страница.
„Преку вестите кои се сместени во центарот и на страничните делови од таблата можат лесно да се следат настаните од Либерија и од светот“, додаде Сирлиф.
Истакнувајќи дека овој уличен весник не се разликува од другите весници од аспектот на објавување и содржината, Сирлиф вели дека вестите се објавуваат со сите правила за пишување вест.
- Седумчлена екипа и волонтери -
Сирлиф истакна дека уличниот весник „The Daily Talk“ остварува приходи од неколку реклами. „На местото за реклами ги пишуваме имињата на одредени компании и тие ни даваат поддршка во вид на фотоапарати, хартија и канцелариски производи“.
Главниот уредник информираше дека покрај вестите, во весникот поставуваат и фотографии. Тој истакна дека весникот се подготвува од страна на седумчлена екипа и додаде дека некои волонтери од различни региони во земјата доброволно праќаат вести.
Наглсувајќи дека интересот за овој весник се менува според случувањата во земјата, Сирлиф рече: „Постои поголем интерес за време на изборите или одредени тензични периоди, но интересот се намалува кога има мирна агенда во земјата. На пример, за време на изборите дневно имаме пет илјади читатели“.
Тој пренесе дека поради проблемите со електричната енергија луѓето немаат пристап до телевизија, радио и до интернет.
„Луѓето поминуваат од тука одејќи дома или на работа, или кога се заглавени во сообраќајниот метеж, неколку минути го читаат нашиот весник и се информираат за случувањата“, рече Сирлиф.
Елкана Џонсон, читател на овој весник, истакна дека секој ден го чита весникот и на тој начин се информира за случувањата во земјата и светот.
Џонсон истакна дека вестите напишани со креда на оваа црна табла имаат големо значење за нив.
„Понекогаш тука побрзо ги објавуваат вестите отколку во другите медиуми“ рече Џонсон, читател на уличниот весник „The Daily Talk“, поставен во центарот на Монровија, главниот град на Либерија.