Enes Canlı,Mücahit Aydemir
15 Јуни 2020•Ажурирај: 15 Јуни 2020
МИСРАТА (АА) - ЕНЕС ЏАНЛИ/МУЏАИТ АЈДЕМИР –
Генерал Абдулхади Дирах, портпаролот на заедничката операција „Сирт-Џуфра“ на либиската Армија, истакна дека крајбрежниот медитерански град Сирт за нив претставува црвена линија и дека либиската Армија платилa голема цена во 2016 година за да го ослободи градот од терористичката организација ДЕАШ.
Во разговорот за Агенција Анадолија (АА), портпаролот Дирах изјави дека либиската Армија за краток период остварила голем напредок во операцијата „Патот на победата“ за освојување на крајбрежниот град Сирт и градот Џуфра, што започна на 7 јуни.
Дирах рече дека тие за еден час го зазеле градот Вишке, кој се наоѓаше под контрола на милицијата на Хафтар.
Наведувајќи дека либиската Армија се повлекла на 50 километри од градот Сирт поради мините поставени на патиштата и интензивните напади на воените авиони, Дирах рече: „Повиците за мир од меѓународната заедница секогаш доаѓаат кога либиската Армија напредува.“
Дирах истакнува дека операцијата „Патот на победата“ за освојување на крајбрежниот град Сирт и градот Џуфра ќе продолжи, и дека ним ќе им се придружат и единиците на операцијата „Вулкан на гневот“ на либиската Армија.
Нагласи дека тие ги добиваат наредбите од главниот командант, премиерот Фајиз ес Сараџ, и дека Сараџ и имињата под негова команда се одговорни за какви било политичко-воени преговори.
Дирах, упатувајќи повик до жителите на Сирт и лидерите во градот, нагласи: „Од градот да се тргнат милицијата и странските платеници поврзани со Калифа Хафтар и да се приклучат на либиската Влада.“
- „Плативме цена за Сирт“ -
По процесот наречен Арапска пролет, Сирт еден период беше под контрола на терористичката организација ДЕАШ. Сирт е познат како родното место на соборениот лидер, Муамер Гадафи.
Силите на западниот дел на Либија го ослободија Сирт во 2016 година со операцијата спроведена со поддршка на воената коалиција основана од земји како САД и Велика Британија.
Милицијата поврзана со Хафтар во јануари напредуваше во Сирт. Владините сили се повлекоа од Сирт, а градот падна во рацете на милицијата на Хафтар.
Дирах ја објасни и важноста на градот Сирт: „Градот Сирт е црвената линија за нас. За градот Мисрата, и за сите градови околу него. Вооружените сили на западниот дел на земјата платија огромна цена за да го спасат округот Сирт од ДЕАШ. Градот Мисрата жртвуваше 771 свое дете за да го спаси Сирт. Не е можно да не го вратиме Сирт. Градот Сирт ќе биде спасен.“
Дирах исто така истакна дека поради војната што ја започна Хафтар, во Либија повеќе од 100 илјади семејства морале да ги напуштат своите домови, животот го загубиле многу млади луѓе, инфраструктурата е уништена, а починати се цели семејства и за време на Рамазан.
- Воени авиони од руско потекло летаат на либиското небо -
Командата на Aмериканските воени сили за Африка (AFRICOM) имаше соопштено дека напредните руски авион МИГ-29 од Русија пристигнале во воената воздухопловна база „Џуфра“ во Либија, која е под контрола на Хафтар.
Портпаролот Дирах истакна дека забележани се руски авиони МИГ-29 на фронтот кај Сирт.
Наведувајќи дека воените експерти поврзани со либиската Армија исто така го потврдиле идентитетот на овие авиони, Дирах рече:
„(За воените авиони од руско производство) Собравме докази и од муницијата исфрлена од авионите. Според тие докази, тоа се руски авиони. Сепак, немаме докази за тоа дали тие авиони се управуваат од Русија или пак, се купени од Обединетите Арапски Емирати? Или пак, се управуваат од Египет. Но знаеме дека се од руско производство.“
Наведувајќи дека имало загуби поради нападите на воените авиони на Хафтар во околните населби, Дирах рече дека во регионот Вади ел Џуфра, 7 лица од исто семејство починале од тие напади.