Ekipa
05 Јануари 2020•Ажурирај: 06 Јануари 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Воените авиони на водачот на милициските сили, пучистот Калифа Хафтар, со база во источна Либија, извршија воздушен напад врз Студентскиот дом на Военото училиште во подрачјето на Хадба кое се наоѓа во јужниот дел на либискиот главен град Триполи, при што смртно настрадаа 30 лица, додека 33 лица се повредени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Центарот за теренска здравствена поддршка при Министерството за здравство, 30 лица загинаа, од кои повеќето студенти, додека 33 лица се повредени во воздушниот напад извршен врз Студентскиот дом на Военото училиште во јужниот дел на Триполи.
Голем број амбулантни возила пристигнаа во болницата „Ал Хадра“, каде што се донесени повредените лица од Воената академија.
Надлежните од оваа болница нагласија дека повеќето од загинатите се млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Министерството за здравство упати апел до жителите на Триполи за донирање на крв.
Од друга страна, Халид ал Махчуб, претставник на силите на Хафтар, во изјава за локална телевизија тврди дека во оваа академија се обучувале „црномурести милициски групи поврзани со племињата“.
Студентот од Воената академија, Абдулмелик Мифтах Зејдан (22), сведок на нападот, во изјава за АА истакна дека по вечерата, додека студентите се собирале во дворот, од воздух била фрлена бомба и дека се случила голема експлозија.
По овој напад, жителите на различни градови како Триполи, Мисрата и Зувара, излегоа на плоштадите за да протестираат против нападот. Демонстрантите, извикувајќи пароли, гласно го осудија воздушниот напад на пучистот Хафтар.