Servet Günerigök
05 Јануари 2020•Ажурирај: 06 Јануари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе нападне ирански цели за какви било напади врз Американци или врз Соединетите Американски Држави (САД), по убивањето на високиот ирански генерал во американски воздушен напад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Иран не е ништо друго освен проблем со години. Ова нека послужи како ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ. Доколку Иран нападне Американци, или американски имот, ние имаме на нишан 52 ирански локации (кои ги претставуваат 52 американски заложници земени од Иран пред многу години), некои на многу високо ниво и важни за Иран и иранската култура, и тие цели, а и самиот Иран, ЌЕ БИДАТ НАПАДНАТИ МНОГУ БРЗО И МНОГУ СИЛНО. САД не сакаат повеќе закани!“, напиша Трамп на Твитер.
Тој истакна дека Техеран „зборува многу смело за таргетирање на одредени цели на САД како одмазда“ за убиството на Касим Сулејмани, челникот на елитните сили Кудс, на Исламската револуционерна гарда, и додаде дека генералот е одговорен за смртта на Американец и на стотици ирански демонстранти.
Сулејмани беше убиен во петокот во напад пред аеродромот во Багдад. Загина и Ебу Мехди ал Мухандис, постар командант на ирачките Народни единици за мобилизација.
„Тој веќе ја нападна нашата Амбасада и се подготвуваше за дополнителни напади на други локации“, напиша Трамп.
Убивањето на Сулејмани предизвика драматична ескалација на тензиите меѓу САД и Иран, кои се на стаклени нозе од одлуката на Трамп во 2018 година, еднострано да ги повлече САД од Договорот за нуклеарна програма.
Врховниот лидер на Иран, Али Хаменеи, кој минатата година му ја врачи најголемата почест на Сулејмани, вети жестока одмазда како одговор на неговото убиство.
По смртта на американски изведувач во ракетни напади врз американска база во Ирак, Вашингтон во неделата изврши серија напади во кои загинаа најмалку 25 борци на Катаиб Хезболах, група поддржана од Иран.
Нападите беа први поголеми напади на САД врз група поврзана со Иран од повлекувањето на трупите од Ирак во 2011 година.
Во вторникот, Американската амбасада во Багдад беше нападната од голем број демонстранти.
Пентагон го обвини Сулејмани за планирањето на нападот врз Амбасадата, како и дека планира да изврши дополнителни напади врз американски дипломати и војници во Ирак и регионот.