14 Септември 2023•Ажурирај: 16 Септември 2023
КОПЕНХАГЕН (АА) - Луксузен патнички брод со 206 патници и членови на екипажот, од кои повеќето се Австралијци, веќе четврти ден е насукан на североистокот на Гренланд и го чека пристигнувањето на спасувачките служби, пренесува Анадолу.
Бродот „Ocean Explorer“ се насука во понеделникот во Алпефјорд во националниот парк, на 1.400 километри североисточно од главниот град на Гренланд, Нук, а потенцијално може да биде заглавен со денови.
Како што пренесува „Блумберг“, насуканиот луксузен патнички брод двапати се обидел да се ослободи од калливото морско дно преку плимата и осеката, но безуспешно.
Заедничките арктички сили на данската војска објавија дека патролираат на широко подрачје, а тимови од нивната единица Сириус го посетиле бродот за да ја потврдат безбедноста на патниците.
Се напоменува дека најблискиот брод што би можел да помогне во активностите за спасување е бродот на данската морнарица што се наоѓа близу југозападниот брег на Гренланд и кој се очекува да пристигне во подрачјето на 15 септември.
Локалните власти наведоа дека се во состојба на готовност и во контакт со екипажот на патничкиот брод во случај на потреба од итна помош на исландската крајбрежна стража.
Локалните медиуми пренесуваат дека неколку лица на споменатиот брод што биле позитивни на КОВИД-19 се ставени во изолација.
Познато е дека луксузниот патнички брод „Ocean Explorer“ наплатува над 33.000 долари по лице за сместување.
На подрачјето каде што се наоѓа бродот нема населени места, освен метеоролошка станица и единица на данските арктички специјални сили.