Ömer Aydın
12 Мај 2017•Ажурирај: 13 Мај 2017
ПАРИЗ (АА) - Емануел Макрон в недела официјално ќе ја преземе функцијата претседател на Франција, а за својата прва посета ќе допатува во Германија, каде што ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението, Макрон, кој на 7 мај беше избран за нов претседател на Франција, ќе ја почитува традицијата и на својата прва посета во странство ќе допатува во Германија. „Канцеларката Меркел в понеделник попладне со задоволство ќе го пречека новиот претседател на Франција, Емануел Макрон“, соопшти портпаролот на Меркел, Штефен Зајберт.
Макрон во текот на својата предизборна кампања соопшти дека доколку биде избран за претседател, за својата прва посета во странство ќе допатува во Германија. Покрај тоа, тој честопати истакнуваше дека доколку биде избран за претседател, ќе ги посети и француските војници кои учествуваат во мисии во странство.
Меѓу другото, Макрон за време на предизборната кампања, на 16 март се сретна со Меркел во Берлин. Меркел во својата изјава по избирањето на Макрон за претседател истакна дека победата на Макрон е многу радосен настан.
Макрон в недела, со свечена церемонија што ќе се одржи во Елисејската палата, ќе ја преземе функцијата од Франсоа Оланд.
Франсоа Оланд се сретна со Меркел во Берлин, во 2012 година, дента кога ја презеде функцијата од тогашниот претседател Никола Саркози.