Hajer M'tırı
08 Мај 2017•Ажурирај: 08 Мај 2017
ПАРИЗ (АА) - Новоизбраниот француски претседател Емануел Mакрон, порача дека Франција отвора нова страница во историјата, и вети дека за време на неговиот мандат ќе се бори против поделбите кои, како што рече, ја поткопуваат земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Макрон, обраќајќи се пред поддржувачите, откако, според излезните анкети, ја победи противкандидатката Марин Ле Пен на претседателските избори, им се заблагодари на сите кои му го дале својот глас, истакнувајќи дека тоа за него претставува голема чест, но и одговорност.
Тој додаде дека е свесен за гневот, сомнежот и вознемиреноста што ја чувствуваат многу Французи.
Овој проевропски политичар вети дека ќе работи на повторното воспоставување на врски меѓу Европа и нациите кои ја сочинуваат. Тој вети дека Франција ќе биде на чело на борбата против тероризмот, како во рамките на нејзината територија така и на меѓународен план.
Како што рече, неговата примарна цел во следните пет години е смирување на стравувањата на луѓето, враќањето на довербата во Франција како и тоа да ги собере сите граѓани заеднички да се соочат со предизвиците.
„Ќе се борам со сите мои сили против поделбите кои нѐ поткопуваат и поразуваат, и ќе му ги вратиме можностите на францускиот народ кои му ги должи Франција. Ајде да ја сакаме Франција. Во следните пет години, ќе служам во ваше име со понизност, посветеност и одлучност. Да живее Републиката, да живее Франција“, изјави досега најмладиот претседател на Франција.
Според излезните анкети, независниот центристички кандидат за претседател на Франција, Емануел Макрон (39), оствари уверлива победа во вториот круг претседателски избори во Франција пред својата противничка, лидерката на крајната десница Марин Ле Пен.
Излезните анкети покажуваат дека Mакрон, поранешен министер за економија и поранешен банкар, освоил 62,4 отсто од гласовите, а Ле Пен 37,5 отсто во вториот круг од претседателските избори.
Макрон, со движењето "En Marche" за една година привлече големо внимание во Франција но и во светски рамки.
Избраниот кандидат најдоцна до 14 мај ќе ја преземе должноста од неговиот претходник, претседателот Франсоа Оланд.