Ekipa
16 Февруари 2017•Ажурирај: 17 Февруари 2017
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Малезискиот заменик-премиер Ахмад Захид Хамиди соопшти дека на барање на официјален Пјонгјанг, Малезија ќе го испорача телото на Ким Џонг-нам, полубрат на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, пренесува Anadolu Agency (AA).
Хамиди денес потврди дека амбасадата на Северна Кореја го пренела барањето да им биде предадено телото на Ким Џонг-нам и дека Малезија се сложила, но оти треба да се исполнат одредени процедури.
„Ќе излеземе во пресрет на барањето на која било странска влада, но постојат процедури што мораме да ги почитуваме. Нашата политика е да ги почитуваме билатералните односи со сите земји“, изјави Хамиди.
Тој потврди дека Ким Џонг-нам пред несреќата носел таен документ и автентичен пасош, и дека во моментот се врши проверка на тие документи.
Во врска со смртта на Џонг-Нам, за кој се верува дека претходно е отруен, приведени се две жени – една со потекло од Виетнам и друга со потекло од Индонезија. Двете се идентификувани со помош на надзорните снимки на аеродромот во Куала Лумпур.
Официјален полициски претставник, Абдул Самах изјави дека освен двете женски лица, синоќа било приведено и машко лице, државјанин на Малезија. Се верува дека тој е парнер на втората осомничена.
Ким Џонг-нам е најстариот син на поранешниот севернокорејски лидер Ким Џонг-ил. Во Северна Кореја нема никаква титула бидејќи е роден во вонбрачна врска на поранешниот лидер со јужнокорејската актерка Сунг Хае-рим.