Büşra Selvi Öğütcen
09 Јули 2022•Ажурирај: 11 Јули 2022
КОЛОМБО (АА) – Во екот на масовните антивладини протести поради економската криза во Шри Ланка, демонстрантите во Коломбо влегоа во комплексот во кој се наоѓа и Претседателството на државата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Шри Ланка владее длабока економска криза, а илјадници демонстранти излегоа на улиците на Коломбо, поради што е укинат полицискиот час што неодамна беше воведен.
Демонстрантите носат црни знамиња, а локалните медиуми јавуваат дека успеале да ги пробијат барикадите и да влезат во комплексот во кој се сместени канцеларијата и резиденцијата на претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса.
Безбедносните сили пукаа во воздух во обид да ги растераат демонстрантите. Азиските медиуми јавуваат дека претседателот Раџапакса ја напуштил резиденцијата и дека се наоѓа на безбедно место.
Протестите во Шри Ланка започнаа во март кога беа воведени 13-часовни дневни редукции на струјата. Во досегашните нереди на протестите загинаа осум лица, а најмалку 250 се повредени.
Демонстрантите бараат оставка од претседателот Раџапакса и од премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге.