Halil Silahşör, Gamze Türkoğlu Oğuz
15 Август 2021•Ажурирај: 16 Август 2021
АНКАРА
Министерството за внатрешни работи на Авганистан соопшти дека по влегувањето на талибанците во Кабул, започнати се преговори за мирно предавање на власта, известува Агенција Анадолија (АА).
Абдул Сетар Мирзаквал, вршител на должноста министер за внатрешни работи на Авганистан, на својот профил на социјалната мрежа Твитер објави видеопорака во која рече дека Кабул нема да биде нападнат при влегувањето на талибанците, туку дека ќе бидат одржани преговори за предавање на власта.
„Во својство на шеф на Министерството, им наредив на сите сили и понатаму да го одржуваат редот и безбедноста во Кабул. Нашиот народ не треба да се грижи, во моментов во градот нема безбедносни проблеми“, рече Мирзаквал.
Тој во видеопораката до нацијата изјави дека во Кабул нема да има напади и војна, туку дека власта по мирен пат ќе ѝ биде предадена на преодната управа.
Слична видеопорака објави и Бисилах Мохамад, министерот за одбрана на Авганистан, кој рече дека авганистанскиот претседател Ашраф Гани одобрил делегација за преговори со талибанците и дека во текот на преговорите нема да има напади на Кабул.
Локалните медиуми ја оценија пораката на Мохамад како најава дека Гани ќе поднесе оставка, но тој сѐ уште не изјави ништо во врска со тоа.
По преземањето на сите големи главни провинциски центри и гранични премини, талибанците денес почнаа да влегуваат и во периферните населби на Кабул, главниот град на Авганистан.
Брзото напредување предизвика паника и страв во центарот на Кабул, од кој американската Војска го евакуира персоналот на Амбасадата.
Портпаролот на талибанското движење, Забихулах Муџахид, на Твитер порача дека талибанците нема да користат сила за преземање на контролата врз центарот на Кабул.
Тој рече дека во Кабул има голем број цивили и затоа нема да има вооружени судири и додаде дека талибанците сакаат да го преземат центарот на Кабул со преговори.