Arife Yıldız Ünal
23 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Новоизградената железничка пруга Баку-Тбилиси-Карс ќе биде пуштена за сообраќај на 30 октомври, а на свеченоста на тргнувањето на првиот воз од Баку кон Карс ќе присуствуваат претседателите на Турција и на Азербејџан, Реџеп Таип Ердоган и Илхам Алијев, како и премиерот на Грузија, Георги Квирикашвили, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот министер за транспорт, поморство и информации, Ахмет Арслан, истакна дека станува збор за проект кој со причина е наречен „Железница на Патот на свилата“ бидејќи поврзува три земји, но исто така ги поврзува Западот со Истокот.
„Имаше две пречки за возот од Лондон директно да стигне во Пекинг. Првата беше каналот Босфор, а втората недостаток на пруга меѓу Карс и Ахалкалаки. Ние под Босфорот изградивме подземна железница која ги спои Европа и Азија, а сега ја завршивме на железничката линија меѓу Карс (североисточна Турција) и грузискиот регион Ахалкалаки“, рече министерот Арслан.
Истакнувајќи дека пробното возење и инспекциските контроли се успешно завршени, Арслан во разговор со новинарот на АА потврди дека првиот воз од Баку до Карс ќе пристигне на 30 октомври, кога во тој турски град се одбележува Денот на ослободувањето.
„Со овој проект навистина е испишана историја. Оживеана е железничката пруга по должината на Патот на свилата“, рече Арслан, додавајќи дека тоа е важен фактор за економиите на земјите кои се наоѓаат на таа рута.