Emre Gürkan Abay
22 Февруари 2023•Ажурирај: 23 Февруари 2023
МОСКВА (АА) - Заменик-претседавачот со Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, изјави дека доколку Соединетите Американски Држави (САД) сакаат да ја поразат Русија, светот ќе биде на раб на глобален судир, и дека во тој случај Москва има право да се брани со сите видови оружје, вклучувајќи и нуклеарно, пренесува Анадолу.
Во пишаната изјава на Телеграм, Медведев го искоментира суспендирањето на руското учество во Договорот за намалување на стратешкото вооружување „Нов СТАРТ“.
Истакнувајќи дека САД извршиле секакви злосторства против Русија, ја снабдиле Украина со значајно количество оружје и се обидуваат да ја поразат Русија, Медведев изјави:
„Меѓутоа, стратешката безбедност е посебно прашање. Тоа нема никаква врска со општиот контекст на американско-руските односи.“
Медведев изјави дека пристапот на администрацијата во Вашингтон е голема грешка.
„Оваа грешка произлегува од перцепцијата за супериорност и имунитет. Сите разумни сили се свесни дека светот е на работ на глобален конфликт доколку САД сакаат да ја поразат Русија. Доколку САД сакаат да ја поразат Русија, ние имаме право да се браниме со секое оружје, вклучително и нуклеарно“, рече Медведев.
Тој потсети на коментарот на рускиот претседател Владимир Путин дека „невозможно е да се победи Русија на бојното поле“.
„Токму затоа засега го суспендиравме „Нов СТАРТ“. Незадоволната елита во САД нека размисли што постигна. Да ги погледнеме и реакциите на другите нуклеарни сили во НАТО, Франција и Велика Британија. Нивните стратешки нуклеарни сили не беа вклучени во подготовката на договорот меѓу САД и Русија, сега е време тие да се вклучат“, нагласи Медведев.