Gamze Türkoğlu Oğuz
16 Мај 2017•Ажурирај: 17 Мај 2017
ЊУЈОРК (АА) - Американските медиуми го обвинија претседателот на САД, Доналд Трамп, дека за време на минатонеделната средба во Белата куќа, со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, открил опасни тајни во врска со терористичката организација ДЕАШ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Повикувајќи се на неименувани сегашни и поранешни функционери на САД, весникот „Washington post“ објави дека Трамп на руската делегација ѝ открил тајни информации коишто официјален Вашингтон, во согласност со договорот за размена на разузнавачки информации, ги добил од важни сојузници.
Официјалните лица истакнуваат дека сојузниците што ги доставиле доверливите информации не дале дозвола тие да ѝ бидат пренесени на Русија, и тврдат дека Трамп со откривањето на тие тајни ги загрозил американските односи со важен сојузник, кој има пристап до информации директно од ДЕАШ.
Истите извори тврдат дека одговорните лица од Белата куќа, кратко по средбата на Трамп и Лавров, ги повикале лидерите на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и на Националната агенција за безбедност (НСА) и им наредиле да се поправи штетата.
Еден од соговорниците вели дека станува збор за тајни информации од највисок степен и дека Трамп на Русија ѝ открил повеќе отколку што им е откриено на најблиските сојузници на САД.
Администрацијата на Трамп тврди дека на средбата е разговарано исклучиво за заедничката загриженост во врска со прашањето на тероризмот, а советникот за национална безбедност, Х. Р. Мекмастер, рече дека не станало збор за разузнавачките извори и за начинот на кој САД доаѓа до доверливи податоци.
Официјалните лица на ЦИА и на НСА не го коментираа случајот.