Ayhan Şimşek
30 Април 2019•Ажурирај: 01 Мај 2019
БЕРЛИН
Германската канцеларка Ангела Меркел ја потврди поддршката на Германија за територијалниот интегритет на Ирак и се заложи за поблиски политички и економски врски меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на заедничката прес-конференција за време на посетата на ирачкиот премиер Адил Абдул Махди во Берлин, Меркел ги пофали напорите на Владата за зачувување на единството на Ирак.
„Уште еднаш јасно ја изразив нашата поддршка за територијалниот интегритет на Ирак“, нагласи таа.
„Имаме многу интензивни односи со регионалната Влада во Ербил, но секогаш како составен дел на Ирак, и ние ќе продолжиме да го следиме овој пристап“, додаде таа.
Меркел изјави дека Германија е заинтересирана во понатамошното зајакнување на соработката со Ирак во полето на економијата, енергијата и безбедноста, и вети континуирана поддршка за напорите за реконструкција во Ирак по годините на борба со терористичката организација ДЕАШ.
По средбата на Меркел со Абдул Махди во Канцеларството, германскиот технолошки гигант „Сименс“ (Siemens) и ирачкиот министер за енергетика, Луај ал Катиб, потпишаа меморандум на разбирање за надградба на инфраструктурата за електрична енергија во Ирак.
Абдул Махди за новинарите изјави дека планот на Ирак за надградба на инфраструктурата за електрична енергија се состои од четири фази, со различни проекти, во вредност од околу 14 милијарди долари (12,5 милијарди евра).
Ирачкиот премиер изјави дека „Сименс“ има добри шанси за освојување на мнозинството од договорите.