Riyaz Khaliq Khaliq
05 Април 2022•Ажурирај: 06 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Дваесет евакуирани Украинци беа пренесени од Полска во Јапонија како дел од хуманитарната помош на Токио за воено разурнатата Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи на Јапонија, Јошимаса Хајаши се врати дома по петдневното патување во Полска за да ја изрази поддршката и солидарноста на Токио со Полјаците и Украинците среде војната со Русија.
Украинците со чартер лет полетаа од Варшава, објави Кјодо Њуз.
Токио ќе им пружи поддршка на Украинците, на возраст од 6 до 66, за околу шест месеци, што вклучува домување, вработување и часови за јазик.
Покрај јапонската привремена канцеларија за врски во југоисточниот град Жешов, за време на посетата на Полска, Хајаши посети и бегалски камп и граничен контролен пункт.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, се сретна со меѓународна осуда, а меѓу другите, ЕУ, САД и Велика Британија воведоа строги санкции кон Москва.
Најмалку 1.430 цивили се убиени во Украина, а 2.097 се повредени, според проценките на ОН. Се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Повеќе од 4,21 милиони Украинци заминаа во другите земји, а милиони се внатрешно раселени, според агенцијата за бегалци на ОН.
Претходно, Јапонија регистрираше повеќе од 50 Украинци на кои ќе им биде одобрен краткотраен престој во траење од 90 дена, кој подоцна ќе биде променет во статус „назначени активности“ за една година, со кој им е дозволено да работат.
Јапонија исто така испрати хуманитарна помош во вредност од 200 милиони долари на Украина во изминатите неколку недели.