Elena Teslova
05 Септември 2022•Ажурирај: 06 Септември 2022
МОСКВА (АА) - Претставниците на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денес ја напуштија нуклеарната централа во Запорожје, во југоисточна Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Членовите на мисијата на МААЕ сега ја напуштија електраната во Запорожје, а две лица остануваат како набљудувачи“, изјави рускиот функционер Владимир Рогов.
Минатата недела, генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, рече дека претставниците на Агенцијата за атомска енергија на ОН ќе останат во централата сѐ додека е потребно.
Запорожје е под контрола на Москва уште од раните фази на војната, што Русија ја започна на 24 февруари, а најголемата европска нуклеарна централа беше гранатирана неколку пати, што ја зголеми загриженоста за можна нуклеарна катастрофа.
Претставниците на МААЕ разговараа за голем број опции за решавање на овој проблем, вклучително и за организирање постојан престој на нивните експерти во фабриката.