Ömer Faruk Yıldız
18 Март 2021•Ажурирај: 19 Март 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Бројот на убиените демонстранти за време на воените интервенции на антипучистичките протести во Мјанмар се зголеми на 217, јавува Агенција Анадолија (АА).
Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP) соопшти дека во изминатите 24 часа загинале уште девет демонстранти.
Во соопштението се наведува дека 1.872 приведени лица сѐ уште не се пуштени на слобода.
Додека антипучистичките протести се продолжени во многу градови, жителите на Јангон, Мандалај, Магваја и Багоа, исто така излегоа на улиците за да го осудат пучот.
Безбедносните сили во Јангон се обидоа да ги разбркаат демонстрантите со солзавец и пластични куршуми, додека демонстрантите возвратија со камења.
Демонстрантите од Јангон, кои се огласија преку социјалните мрежи, истакнаа дека во многу места често доаѓа до прекин на интернетот.
Мјанмарската војска на 1 февруари оваа година изврши удар и ја презеде власта во земјата под изговор дека ноемвриските избори биле нерегуларни.
Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси челниците на Владата, вклучувајќи ја и мјанмарската лидерка Аунг Сан Су Чу. Масовните протести против воениот удар започнаа на 6 февруари. Во насилните интервенции на војската за време на протестите се убиени повеќе од 200, а уапсени повеќе од 1.500 демонстранти низ земјата.
Обединетите нации, Европската Унија и голем број земји, како Турција, САД, Канада и Велика Британија, најостро го осудија воениот удар во Мјанмар.