Islam Uddin
29 Октомври 2024•Ажурирај: 30 Октомври 2024
АНКАРА (АА) - Највисоката севернокорејска дипломатка отпатува за Русија во официјална посета поради зајакнување на воените врски меѓу Москва и Пјонгјанг, јавува Анадолу.
Министерката за надворешни работи Чое Сон Хуи и нејзината делегација вчера го напуштија Пјонгјанг и отпатуваа во официјална посета на Руската Федерација, објави денес државната корејска централна новинска агенција.
Агенцијата не соопшти повеќе детали или агенда за нејзината посета на Русија.
Сепак, посетата на највисоката дипломатка на Пјонгјанг следуваше по тврдењата на Јужна Кореја, САД, НАТО и украинскиот претседател Владимир Зеленски дека севернокорејски трупи пристигнале во Русија за да ѝ помогнат на Москва во нејзината тековна војна против Киев.
Вчера Пентагон објави дека Северна Кореја пратила околу 10.000 војници во Источна Русија за да се борат во Украина во „следните неколку недели“.
Исто така, се очекува Чое да разговара за потенцијална посета на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на Москва во следните месеци, според Јонхап.
Руската амбасада во Пјонгјанг на својата Фејсбук-страница објави дека посетата е дел од „стратегискиот дијалог“ договорен меѓу лидерите на двете земји за време на самитот во јуни 2024 година.
За време на посетата на претседателот Владимир Путин на Северна Кореја двете страни потпишаа сеопфатен договор за стратегиско партнерство и ветија дека ќе си дадат воена помош „без одложување“ доколку некоја од нив биде нападната од трета земја.