Ekrem Biçeroğlu
01 Декември 2023•Ажурирај: 02 Декември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 109 Палестинци загинаа, а голем број се ранети во израелските воздушни напади врз блокираниот Појас Газа откако утрово заврши хуманитарната пауза, јавува Анадолу.
Д-р Ашраф ал Кудра, портпаролот на палестинското Министерство за здравство во Појасот Газа, рече дека бројот на загинати се искачил на 109, додека стотици се ранети од утрово, кога Израел продолжи со интензивирано бомбардирање на Газа.
Претходно денес, државната палестинска новинска агенција Вафа соопшти дека над 65 луѓе загинале, од кои најголем дел невини цивили, меѓу кои и деца.
Вафа го опиша израелското бомбардирање во Газа како неселективно бомбардирање на станбените подрачја.
Хуманитарната пауза меѓу Израел и Хамас, што стапи на сила во петокот, 24 ноември, заврши утрово.
Жестоките судири и израелското артилериско гранатирање во источниот дел на Појасот Газа продолжија набргу по завршувањето на хуманитарната пауза, јави дописникот на Анадолу од теренот.
Судири меѓу израелските сили и палестинските фракции започнаа и во северниот и централниот дел на Појасот Газа, јави дописникот.