свет

Најмалку 11 Палестинци се убиени, повеќемина ранети во израелски воздушни напади врз Газа

Девет Палестинци, меѓу кои и деца, се убиени во израелски воздушен напад чија цел бил домот на семејството Наами во бегалскиот камп Магази во централна Газа

Ikrame Imane Kouachi  | 28.12.2024 - Обновена : 28.12.2024
Најмалку 11 Палестинци се убиени, повеќемина ранети во израелски воздушни напади врз Газа

ГРАД ГАЗА (АА) - Најмалку 11 Палестинци се убиени, а голем број се повредени во израелските воздушни напади рано утрово врз цивили во северниот дел на Газа, врз куќа во централниот дел на крајбрежниот појас и шаторите со раселени Палестинци во Кан Јунис, со стравување дека бројот на убиени ќе расте, јавува Анадолу.

Медицински извори за Анадолу изјавија дека во израелски напад врз група цивили на улицата Саари во Џабалија, северна Газа, убиени се двајца Палестинци, а повеќемина се повредени.

Уште девет Палестинци, меѓу кои и деца, се убиени во израелски воздушен напад чија цел бил домот на семејството Наами во бегалскиот камп Магази во централна Газа, потврдија и медицински извори.

Во друг напад во јужниот дел на Газа, израелски дронови ги гаѓаа шаторите на раселените Палестинци во Ал-Маваси, западно од Кан Јунис, предизвикувајќи повеќе жртви. Гранатирани се и подрачјата источно од Кан Јунис и северозападно од Рафа.

Во меѓувреме, израелската армија го интензивираше уривањето на згради и станбени блокови во Рафа и северна Газа, оставајќи зад себе големо уништување.

Палестинската цивилна одбрана денес го осуди апсењето на нејзиниот директор во северна Газа, Ахмед Хасан Ал-Кахлут, од страна на израелските сили доцна синоќа.

Во соопштението, Цивилната одбрана за апсењето рече дека е дел од „намерното таргетирање на хуманитарни и спасувачки операции од страна на Израел“.

Израел започна голема копнена офанзива во северниот дел на Газа на 5 октомври за наводно да ја спречи палестинската група Хамас да се прегрупира. Но, Палестинците го обвинуваат Израел дека сака да ја окупира областа и насилно да ги исели нејзините жители.

Оттогаш, не се дозволени доволни количини хуманитарна помош, храна, лекови и гориво, во областа, оставајќи го преостанатото население на работ на глад.

Израел уби повеќе од 45.400 Палестинци во Газа од прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, претворајќи ја енклавата во урнатини.

Минатиот месец, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки против енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın