свет

Најмалку 19 Палестинци се убиени во израелски напади врз домови во Газа

- Очевидци изјавија дека израелските воени авиони погодиле неколку куќи во бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа.

Mohammad Sıo  | 28.11.2024 - Обновена : 28.11.2024
Најмалку 19 Палестинци се убиени во израелски напади врз домови во Газа

Газа

Најмалку 19 лица загинаа, а десетици се повредени во израелските напади врз палестинските домови и цивилните собири во Појасот Газа денес, според повеќе извори, јавува Анадолу.

Очевидци изјавија дека израелските воени авиони погодиле неколку куќи во бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа.

Болницата Ал-Авда во кампот соопшти дека примила тела на 16 Палестинци, додека 55 други биле повредени во нападот.

Палестинската Црвена полумесечина исто така соопшти дека едно лице е убиено, а шест други се ранети во воздушен напад чија цел била група цивили во Џабалија во северниот дел на Газа.

Уште две лица загинаа, а двајца се повредени во друг напад во јужниот град Рафа, изјави медицински извор за Анадолу.

Во израелските напади претходно се убиени најмалку 12 лица во различни делови на Појасот Газа.

Израел започна геноцидна војна врз Појасот Газа по нападот на Хамас во октомври минатата година, при што се убиени речиси 44.300 луѓе, повеќето жени и деца, а беа повредени над 104.700.

Втората година од геноцидот во Газа наиде на зголемена меѓународна осуда, при што официјални лица и институции ги означија нападите и блокирањето на испораката на помош како намерен обид за уништување на населението.

Минатата недела Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата смртоносна војна против Газа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.