Hasan Esen
11 Јуни 2019•Ажурирај: 12 Јуни 2019
ЛОНДОН (АА) - Властите на Република Турција упатија дипломатска нота до властите на Исланд во која се осудува неадекватниот однос кон фудбалската репрезентација на аеродромот во Кефлавик, и побараа дополнителни безбедносни мерки за членовите на турската репрезентација, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за надворешни работи на Исланд потоа соопшти дека до таквиот пропуст дошло бидејќи доцна е примено барањето за забрзан премин на фудбалерите на селекцијата на Турција на аеродромот во Кефлавик.
Сепак, извори од турската дипломатија наведоа дека таквите тврдења не се точни, и дека таквото барање е упатено на 16-ти мај, а на 6-ти јуни барањето е повторено со цел потсетување на исландските власти за доаѓањето на репрезентацијата на Турција.
Да потсетиме, дипломатската нота до ресорните власти на Исланд е упатена преку турската амбасада во Осло, а во неа се наведува дека турските фудбалери биле подложени на повеќечасовна пасошка контрола, темелен претрес на нивниот багаж, како и дека биле жртви на непочитување и агресивно однесување на исландските службеници.
Најостро осудувајќи го овој случај, Турција побара дополнителни безбедносни мерки за репрезентативците и за стручниот штаб. Со цел лично да го пренесе незадоволството на Турција, амбасадорот на земјата во Осло, Фазли Чорман, отпатува за Исланд.
Турција и Исланд утре ќе го играат квалификацискиот меч за пласман на Европското првенство 2020, а турскиот тим доцна синоќа со посебен лет од Коња стигна во Кефлавик.
Членовите на турската репрезентација поради деталната пасошка контрола на аеродромот се задржани повеќе од два часа, а детално е прегледан и багажот на сите фудбалери. Најискусните во турскиот тим, Емре Белезоглу и Бурак Јилмаз, негодуваа поради мерките на кои беа подложени.
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, за неприфатливо го оцени однесувањето на исландските служби кон турската репрезентација.