Ekipa
11 Јуни 2019•Ажурирај: 12 Јуни 2019
КАРТУМ (АА) – Транзицискиот воен совет на Судан, кој спроведе државен удар за од власт да го собори претседателот Омар ал Башир, призна дека минатата недела војниците од Армијата интервенирале врз демонстрантите пред армиското седиште, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението, Воениот совет признава дека редовните војници од Армијата интервенирале врз демонстрантите кои протестираа пред седиштето на Армијата.
Не се дадени информации за бројот на војници што интервенирале, но се истакнува дека резултатите од истрагата ќе бидат објавени во рок од 72 часа. Исто така, се соопштува дека за крвавите инциденти ќе биде формирана комисија и дека за осомничените ќе се води судска постапка.
Во соопштението се додава дека Комисијата стигнала до прелиминарни докази против некои војници и дека тие докази ќе бидат испратени во судството.
- Настаните во Судан -
Демонстрациите кои започнаа во Судан на 19 декември 2018 година поради економската криза, брзо се проширија и во главниот град Картум, претворајќи се во демонстрации против режимот. Армијата на 11 април објави дека ја презема власта и на тој начин беше ставен крај на 30-годишниот режим на Омар ал Башир.
По државниот удар, Транзицискиот воен совет и опозицијата се договорија по три години транзиционен период да се оди на избори на кои ќе биде избрана новата цивилна влада.
Безбедносните сили на Судан врз демонстрантите собрани пред седиштето на Армијата во Картум употребија вистински куршуми и солзавец.
Министерството за здравство на Судан истакна дека како резултат на интервенцијата на безбедносните сили врз демонстрантите, 61 лице ги загубиле своите животи.
Според Лекарскиот комитет на Судан, во настаните животот го загубиле 113 лица.
По последните случувања, преговорите меѓу страните беа прекинати. Воените власти истакнаа дека за девет месеци ќе се одржат парламентарни избори.