Ekipa
12 Мај 2019•Ажурирај: 13 Мај 2019
ЛОНДОН (АА) - 25 осомничени мигранти, меѓу кои и деца, се спасени денес недалеку од јужниот брег на Велика Британија, јавува Anadolu Agency (AA).
Пограничната служба пресретнала две пловила во близина на јужната област Кент - едниот чамец превезувал 5 возрасни лица и 8 деца, некои на возраст од 2 години, а другиот, кој е пресретнат подоцна, пренесувал 12 возрасни лица.
„Пловевме кон каналот Ла Манш по риболов кога забележавме мал чамец во далечината“, изјави еден рибар за локалното радио „Јоркшир“.
„Кога се приближивме, можевме да видиме дека има околу 5 возрасни и 8 деца - некои од нив не беа постари од 2 години“, додаде тој.
„Откако чамецот за спасување ги зеде, продолживме на риболов и видовме уште еден мал чамец со околу 10 до 12 луѓе во него, кој се движеше кон Фолкстоун“, рече тој.
Според британското Министерство за внатрешни работи (Хоум офис), се смета дека мигрантите се од Иран и Ирак. Крајбрежната стража била предупредена од страна на француските власти во раните утрински часови, а спасувачките бродови ги придружувале мигрантите до пристанишните градови Довер и Фолкстоун.
Инцидентот се случил еден ден откако 16 осомничени мигранти, меѓу кои и 2 деца, биле спасени од страна на граничната полиција при преминувањето на Ла Манш (Англискиот канал).
Претходно овој месец, уште 7 мигранти кои тврдеа дека се од Иран, беа спасени во истата област и им беа предадени на имиграциските власти.