Turgut Alp Boyraz
29 Јануари 2017•Ажурирај: 29 Јануари 2017
ЕРУСАЛИМ (AA) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поддржа планот на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, за изградба на ѕидот долж границата со Мексико, пренесува Anadolu Agency (AA).
Нетанјаху, во врска со планот на Трамп се огласи на социјалната мрежа Твитер.
‚‚Претседателот Трамп има право. Јас исто така изградив ѕид долж јужната израелска граница и така ги сопрев илегалните мигранти. Тоа е фантастична идеја“, порача Нетанјаху.
Трамп претходно изјави дека ќе го исполни предизборното ветување за изградба на ѕид на границата со Мексико. Во текот на предизборната кампања тој истакна дека трошоците за изградба на ѕидот ќе ги сносат мексиканските власти. За негова изградба потребно е одобрение од американскиот Конгрес.
Претседателот на Мексико, Енрике Пена Нието, одговори дека Мексико нема да сноси никави трошоци, и го откажа состанокот со Трамп, кој беше закажан претходно.
Портпаролот на Белата куќа, Шон Спејсер, изјави дека ѕидот од 1.600 километри долж границата со Мексико треба да чини околу 25 милијарди долари, а САД за финансирање на ѕидот ќе го зголеми данокот на производите кои се увезуваат од Мексико за 20 отсто.