Hakan Çopur
19 Јануари 2017•Ажурирај: 19 Јануари 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател во заминување, Барак Обама, вчера во своето последно обраќање пред медиумите во својство на претседател на САД, изрази загриженост дека има сѐ помалку време за дводржавно решение за израелско-палестинското прашање, јавува Anadolu Agency (AA).
„Се плашам дека поминува времето за дводржавно решение. Не гледаме друго решение освен дводржавното решение”, изјави Обама на последната прес-конференција во Белата куќа, додавајќи дека е тажен што за време на неговиот мандат не е постигнато конструктивно решение.
Тој истакна дека зголемувањето на израелските населби го довело во прашање дводржавното решение, поради што ја поддржа резолуцијата во Советот за безбедност на ОН, со која се забранува изградбата на израелските населби.
Обама напомена дека донел правилна одлука кога го помилувал поранешниот војник и дојавувач на Викиликс, Челзи Манинг, која во август 2013 година беше осудена на 35 години затвор бидејќи му предала на Викиликс 700.000 тајни документи.
„Се чувствувам добро, бидејќи правдата е задоволена“, изјави Обама, и се осврна и на односите со Русија, нагласувајќи дека конструктивниот дијалог е во интерес на двете земји.
„Сепак, сѐ се отежнува со враќањето на Русија во духот на ривалството под водство на претседателот Владимир Путин”, изјави Обама.
Обама го предупреди и новиот претседател Доналд Трамп за одредени чуствителни прашања во светот, особено да не посегнува по нагли еднострани потези во експлозивно опкружување.
Тој истакна дека по заминувањето од должност би можел да се занимава со прашања како дискриминацијата, имиграцијата и медиумските слободи.
Обама на инаугурацијата на 20 јануари ќе биде наследен од новиот американски претседател Доналд Трамп.