Alperen Aktaş
28 Април 2024•Ажурирај: 30 Април 2024
ИСТАНБУЛ, ЊУЈОРК (АА) - Околу 200 луѓе се приведени или уапсени во кампусите на американските колеџи додека властите продолжуваат со обидите да ги задушат пропалестинските демонстрации, јавува Анадолу.
Групите студенти се спротивставија на официланите лица кои се обидуваа да ги уништат нивните кампови, што резултираше со судири, додека некои универзитети тврдеа дека на демонстрациите биле присутни и лица кои не се студенти.
На Североисточниот универзитет во Бостон, околу 100 демонстранти беа приведени од полицијата додека службеници го расчистуваа „неовластениот камп“, кои тврдеа дека професионални организатори кои не се поврзани со универзитетот се приклучиле на демонстрациите.
„Кон она што започна како студентски демонстрации пред два дена се инфилтрираа професионални организатори кои немаат никаква поврзаност со Североисточен (универзитет)“, се вели во соопштението на Универзитетот објавено на Х.
Слично на тоа, на Универзитетот во Индијана, Блумингтон, најмалку 23 демонстранти се уапсени откако поставија протестен камп, со различни обвиненија, според полицискиот оддел на Универзитетот.
„Дваесет и три лица беа пренесени во Правниот центар на округот Монро поради обвиненија од криминален прекршок до давање отпор при спроведување на законот“, се вели во соопштението на полицијата на Универзитетот во Индијана.
Во друг инцидент на Државниот универзитет во Аризона уапсени се 72 демонстранти од страна на полицијата во кампусот за неовластено присуство во просторот откако поставија камп, при што универзитетот истакна дека повеќето од демонстрантите не се поврзани со универзитетот.
„Група луѓе - од кои повеќето не беа студенти, ниту наставен кадар ниту останат персонал на универизтетот - поставија камп и започнаа демонстрации кои траеја до 23 часот, кога на групата и беше наложено да се разотиде“, се додава.
Инаку, демонстранти со недели на бројни кампуси поставија кампови и одржуваат протести, носат палестински знамиња и транспаренти со пораки против војната во Газа и повикуваат на итен прекин на огнот за да се запре убивањето на цивилите.