Zuhal Demirci
12 Април 2022•Ажурирај: 13 Април 2022
ЛОНДОН (АА) - Меѓународната добротворна организација „Оксфам“ со седиште во Велика Британија предупреди дека по руската инвазија на Украина зголемените цени на храната, трошоците за енергија, нееднаквоста и кризата со Ковид-19 може да доведат уште 263 милиони луѓе во екстремна сиромаштија оваа година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во најновиот извештај на „Оксфам“, насловен „Прво криза, потоа катастрофа“, се наведува дека нееднаквоста што ескалира со војната во Украина, инфлацијата во цените на храната и енергијата и економската криза предизвикана од Ковид-19 може да предизвикаат катастрофа за најсиромашните луѓе.
Нагласувајќи дека како резултат на комбинираниот ефект на кризите, бројот на екстремно сиромашни во светот оваа година може да се зголеми за 263 милиони, во извештајот се додава дека вкупно 860 милиони луѓе би можеле да останат под границата на екстремната сиромаштија од 1,90 долари на ден.
Исто така се проценува дека во моментов 3,3 милијарди луѓе живеат под прагот на сиромаштија од 5,50 долари на ден и дека оваа бројка може да биде еднаква на половина од светското население.
Во извештајот се посочува дека сите луѓе се на некој начин погодени од кризите, но дека најпогодени се „најсиромашните“.
- Богатството на милијардерите забележа „најголем пораст досега“ -
Извештајот на „Оксфам“, објавен пред пролетните состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што ќе се одржат следната недела, посочи дека задолжените влади можеби ќе треба да ги намалат јавните трошоци за да ги задоволат зголемените трошоци за увоз на гориво и храна.
Затоа „Оксфам“ повика на „итна меѓународна акција“, вклучително и откажување на отплатата на долгот од посиромашните земји.
Меѓу другото, во извештајот се нагласува дека ненадејниот пораст на цените на храната, катастрофите поврзани со климата и конфликтите сериозно ги влошиле веќе разорните кризи на глад во делови од Источна Африка, Блискиот Исток и Западна Африка.
Дополнително, во извештајот се наведува дека цените на храната достигнале „највисоко ниво на сите времиња“, а од друга страна, нагласено е дека регистрирано е „најголемото зголемување досега“ на богатството на милијардерите.
Во извештајот се забележува дека големите компании со цел да ги зголемат своите профити ја искористиле инфлацијата на штета на потрошувачите и дека нафтените компании ја зголемиле добивката на рекордно ниво.
„Оксфам“ упати повик до компаниите што профитираат од кризи како што се Ковид-19 или војната во Украина да земаат повеќе даноци од најбогатите и да ги заштитат најсиромашните луѓе од штетите на инфлацијата.
- „Ако не се преземат итни радикални чекори, може да бидеме сведоци на најдлабокиот колапс на човештвото“ -
Габриела Бучер, извршната директорка на „Оксфам интернешнал“, коментирајќи го извештајот, рече: „Доколку не се преземат итни радикални чекори, може да бидеме сведоци на најдлабокиот колапс на човештвото, екстремна сиромаштија и страдања.“
„Ја отфрламе идејата дека владите немаат пари или средства да ги извлечат сите луѓе од сиромаштијата и гладот и да го обезбедат нивното здравје и благосостојба. Гледаме само недостаток на економска имагинација и политичка волја“, додаде Бучер.