АНКАРА (АА) - Олена Зеленска, првата дама на Украина, изјави дека чувствува болка поради војната на Русија во нејзината земја, исто како и секој нормален човек што би се чувствувал во такви околности, пишува Агенција Анадолија (АА).
Одговарајќи на прашањата што ѝ беа испратени од страна на Агенција Анадолија (AA), за тоа како издржува и како ја одржува психолошката состојба како жена, мајка и индивидуа, Зеленска во форма на реторичко прашање вели: „Како да издржам по Буча, каде што беа масакрирани цивили, и по Мариупол, кој беше уништен, каде што не се знае судбината на десетици илјади луѓе? По бомбите кои секојдневно паѓаат во Харков? По 200-те деца кои загинаа и илјадниците кои беа осакатени?“
„Можеби тука требаше да кажам нешто интересно и епско, но јас сум човек пред сè и чувствувам болка како секој нормален човек. Секој ден“, вели Зеленска.
„Кога ги гледам вестите, првата мисла што ми доаѓа на ум е 'да нема повеќе бомбардирања'. Кога повторно ќе видам како Русија гранатира, си мислам ‘само да нема жртви’. Но, тоа се случува, затоа што Русија го гранатира цивилното население“, додава Зеленска.

Истакнувајќи дека секој Украинец ги чувствува овие емоции, првата дама нагласи дека таа и сите Украинци го прават она што најдобро го знаат за да постигнат победа за својата земја.
Зборувајќи за начинот на кој се борат за својата земја, Зеленска истакнува: „Некои се борат, некои лекуваат, ние евакуираме болни деца во странство од Украина заедно со нашите колеги од различни земји.“
„Секој прави сѐ за да ја ублажи својата болка и болката на другите“, рече Зеленска, додавајќи дека се труди да биде трпелива.
Потсетувајќи се на посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и првата дама Емине Ердоган на Киев само три недели пред избувнувањето на војната, таа рече: „Тоа изгледа како да беше друг живот.“
Првата дама на Украина го поздрави односот со првата дама на Турција, велејќи дека „пријателството што започна во предвоениот живот продолжува и всушност се зацврстува“.
„Кога почнавме да бараме безбедно место за нашите деца (сирачиња), Турција беше меѓу земјите што повеќе ги претпочитавме“, рече Зеленска, додавајќи дека контактирала со Емине Ердоган за нејзина поддршка по ова прашање.

„Најмалку 973 украински деца се евакуирани во Турција, со напорите на големиот тим, вклучително и украинската Амбасада во Анкара, претставници на локалната власт во Украина, филантропи и волонтери“, рече таа.
„Накратко, ја чувствуваме поддршката на Турција не со зборови, туку со нејзините дела“, истакна Зеленска.
Зборувајќи за „животот во голема тајност“ и опасноста по животот во време на војна, првата дама на Украина рече дека е „непријатна ситуација да се криеш“.
„Овој срам го доживувам секој момент“, вели Зеленска и додаде: „Ризикот по животот е секогаш присутен за сите жени, мажи и деца на Украина.“
Во врска со извештаите за силување на Украинки од страна на руските војници, Зеленска рече дека „да се зборува за овие настани е пострашно отколку да се зборува за убиство“, додавајќи дека жртвите сѐ уште поминуваат низ болка.
Наведувајќи дека во главите на жртвите помислата за таков инцидент „се враќа одново и одново“, таа нагласи дека „нивните животи се уништени по силувањето, но дека тие мора да живеат некако, собирајќи ги парчињата едно по едно“.
Таа нагласи дека мора да се покаже „страшната големина“ на ваквите инциденти, но во исто време, тоа да биде многу внимателно за да се спречи дополнителна траума на жртвите.
Потсетувајќи се на масакрот во Буча и на жените заробени од Русија, Зеленска истакна: „Девет жени останаа бремени. Ние велиме 'жени', но всушност има и малолетни девојчиња“.
Упатувајќи повик до украинските жртви на силување, Зеленска наведе: „Вие сте бесценети. Вашите животи се бесценети. Она што ви се случи е вина на вооружените манијаци. Ве молам, не молчете, не ја задржувајте оваа болка внатре, разговарајте со нас, разговарајте со луѓето на кои им верувате.“
Во врска со соработката со САД, таа рече дека првата дама Џил Бајден не ја контактирала директно, но изрази надеж дека ќе соработува со неа.
„Од првиот ден на војната добив писма од моите колешки, сопруги на светските лидери. Писма во кои првично имаше поддршка, а подоцна преминаа во писма со јасна понуда за помош“, рече таа.
Во врска со можноста за мир, првата дама потсети на една изрека: „Ако сакате мир, подгответе се за војна.“
„Веруваме во нашата иднина и уште повеќе во нашата победа. Подготвени сме на секоја дистанца која би довела до победа. Доколку оваа победа дојде порано отколку што очекуваме, сигурно би биле позадоволни“, изјави Олена Зеленска за АА.
news_share_descriptionsubscription_contact
