Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
20 Март 2022•Ажурирај: 21 Март 2022
АНКАРА (АА) - Бројот на евидентирани загинати цивили од почетокот на руската војна во Украина достигна 847, додека 1.399 се повредени, соопшти Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„ОХЦХР смета дека вистинските бројки се значително повисоки, особено на територијата контролирана од Владата и особено во последните денови“, соопштија од Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права.
Оттаму велат дека повеќето цивилни жртви биле предизвикани од употреба на експлозивно оружје со широк опсег на удар - гранатирање од тешка артилерија, повеќецевни ракетни системи и ракетни и воздушни напади.
Се наведува дека добивањето информации „од некои локации каде што се водат интензивни борби е одложено и многу извештаи сè уште чекаат потврда“.
Ова се однесува, на пример, за Изум во регионот на Харков и за Мариупол, како и за Волноваха во Доњецката Област, каде што има наводи за бројни цивилни жртви.
Русија ја започна својата војна против Украина на 24 февруари. Тоа наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски рестрикции наметнати кон Москва и поттикна заминување на светските компании од Русија.
Според ОН, над 3,32 милиони бегалци пребегале во соседните земји.