Ekipa
02 Април 2022•Ажурирај: 03 Април 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Пет недели од почетокот на руската воена операција во Украина, Обединетите нации регистрираа 1.276 загинати цивили и 1.981 повредени, иако, како што наведуваат, бројот е многу поголем. Бројот на бегалци се искачи на 4.102.876, јавува Агенција Анадолија (АА).
Агенциите на ОН соопштија дека доставувањето храна на жителите во опколените области е тешко поради уништувањето на инфраструктурата во Украина од почетокот на војната на 24 февруари.
Канцеларијата на Високата комисија за човекови права (OCHCR) соопшти дека повеќето цивилни жртви биле од експлозивно оружје со широко подрачје на удар, од гранатирање од тешка артилерија и повеќекратни ракетни системи и од ракетни и воздушни напади.
„Канцеларијата на Високата комисија за човекови права смета дека вистинските бројки се значително повисоки, бидејќи добивањето информации од одредени места каде што се водат интензивни судири е прекинато“, соопшти Канцеларијата наведувајќи ги Мариупол и Волноваха во регионот Доњецк, Изиум во регионот Харков, Попасна во регионот Луганск и Ирпин во подрачјето на Киев.
- Голем број жртви -
Од Канцеларијата се наведува дека постојат наводи за голем број цивилни жртви во тие градови.
Томсон Фири од Светската програма за храна на прес-конференцијата на ОН во Женева рече дека во Лавов, западна Украина, неговата агенција започнала со делење парична помош за ранливите категории бегалци и семејствата што ги примиле.
Тој рече дека еден од предизвиците е тоа што многу хуманитарни агенции не се во можност да работат во опколените области.
Светската програма за храна започна слична програма во соседна Молдавија, која прими над 390.187 бегалци од Украина.
Скоро 2,39 милиони бегалци пребегале во Полска, повеќе од 623.000 во Романија, 374.000 во Унгарија и над 292.000 во Словачка.
Според УНЦХР, Русија прифатила над 350.000 бегалци.