Ihvan Radoykov
02 Април 2022•Ажурирај: 04 Април 2022
СОФИЈА (АА) - Министерството за надворешни работи на Бугарија го прогласи дипломатот на ниво на прв секретар во руската Амбасада во Софија за персона нон грата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се наведува дека испратиле нота до Амбасадата на Руската Федерација.
Во нотата е наведено дека дипломатот, чие име не е објавено, се занимавал со активности спротивни на Виенската конвенција за дипломатски односи.
Канцеларијата на главниот државен обвинител на Бугарија соопшти дека рускиот дипломат ги следел и активностите на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) и дека „собирал доверливи информации кои се однесуваат на националната безбедност на Бугарија“.
Дипломатот, за кој се тврди дека шпионирал, добил 72 часа да ја напушти Бугарија.
Специјалното истражно обвинителство на Бугарија вчера започна истрага против тројца јавни функционери наведувајќи дека шпионирале во име на Русија.
Министерството за надворешни работи на Бугарија минатиот месец прогласи 12 руски дипломати за персона нон грата и ги протера со образложение дека „шпионирале во земјата“.