Bayram Altuğ
28 Февруари 2022•Ажурирај: 01 Март 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека во Украина, каде што Русија започна со напади, досега 102 цивили ги загубиле животите, 304 цивили се повредени, а 422.000 бегалци поминале во соседните земји по нападите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Канцеларијата на ОН во Женева, Швајцарија, започна 49-тата сесија на Советот за човекови права на ОН.
Во своето обраќање на отворањето од сесијата на Советот, Мишел Бачелет, високата комесарка на ОН за човекови права, истакна дека со воениот напад врз Украина безброј животи се наоѓаат во опасност.
„Помеѓу четвртокот наутро и минатата ноќ, нашата канцеларија забележа 102 цивилни жртви, меѓу кои 7 деца, и 304 повредени. Повеќето од овие цивили се убиени со експлозив со широк опсег на удар како што се тешка артилерија, ракетни системи и при воздушни напади. Се плашам дека реалните бројки се многу поголеми.“
Бачелет нагласи дека милиони цивили, меѓу кои и постари луѓе, се принудени да се засолнуваат во метрото и бункерите за да ги избегнат нападите.
Истакнувајќи дека Високиот комесаријат за бегалци на ОН известил дека 422.000 цивили ја напуштиле земјата и побарале засолниште во соседните земји, а многу повеќе се внатрешно раселени, Бачелет потсети дека од целиот свет има повици за мир и за почитување на човековите права.
„Тука нема победници и губитници. Сите сме ослабени поради конфликтот“, рече Бачелет.
49-та сесија на Советот за човекови права на ОН ќе заврши на 1 април.