Büşra Selvi Öğütcen
23 Март 2021•Ажурирај: 25 Март 2021
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ
Обединетите нации (ОН) повикаа на прекинување на насилството врз Азијците и врз луѓето со азиско потекло, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмената изјава, портпаролот на генералниот секретар на ОН, Фархан Хак, изјави дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, е „крајно загрижен“ за насилствата врз Азијците за време на епидемијата на Ковид-19.
Наведувајќи дека Гутереш сака да биде запрено секое насилство и злоупотреба врз Азијците, портпаролот Хак рече:
„Светот е сведок на застрашувачки смртоносни напади, вербално и физичко малтретирање, малтретирање во училиштата, дискриминација на работните места, поттикнување на непријателство во медиумите и платформите на социјалните мрежи и на провокативниот јазик што го користат моќниците. Ние сакаме да престане ваквото насилство.“
Портпаролот Хак, посочувајќи дека настаните забележани во текот на изминатата година ја покажуваат вековната нетрпеливост и злоупотребите што се случуваат стотици години, рече дека Гутереш нуди целосна поддршка на жртвите и нивните семејства и е во солидарност со оние што се соочуваат со расизам и други напади врз човековите права.
Појавата на Ковид-19 во Вухан, Кина, е прикажана како причина за последните напади врз Азијците во САД.
- Во вооружен напад во салони за масажа во Атланта убиени се лица со азиско потекло
Во вооружените напади во 3 салони за масажа во Атланта, Џорџија, во САД, на 16 март загинаа 8 лица, од кои 6 се со азиско потекло.
Дваесет и едногодишниот осомничен Роберт Арон Лонг, кој беше приведен по инцидентот, од Обвинителството е обвинет осум пати за убиство.
Инцидентот во Атланта, што е забележан како најголем вооружен напад во САД од 2019 година, повторно ја засили дебатата за „Насилството врз Азијците во САД“, што се појавуваше одвреме-навреме поради епидемијата на Ковид-19.