Bayram Altuğ
10 Август 2021•Ажурирај: 11 Август 2021
ЖЕНЕВА
Обединетите нации (ОН) соопштија дека повторно е обезбеден пристапот до бегалските кампови во регионот Тиграј во северна Етиопија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„УНХЦР и неговите партнери повторно го обезбедија пристапот до камповите „Маи Аини“ и „Ади Харуш“ во регионот Тиграј во Етиопија за бегалците од Еритреја“, рече Борис Чеширков, портпаролот на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), на прес-конференцијата одржана во Канцеларијата на ОН во Женева.
Потсетувајќи дека насилните конфликти во регионот го спречуваа персоналот на УНХЦР да стигне до камповите од 13 јули, Чеширков рече дека распределбата на итно потребната помош за 23.000 бегалци во двата кампа започнала на 5 август.
Чеширков побара од меѓународната заедница да се обезбедат 164 милиони долари помош за 96.000 бегалци од Еритреја и стотици илјади раселени цивили во регионот.
Портпаролот Чеширков, упатувајќи повик до сите страни во конфликтот во Тиграј да го почитуваат меѓународниот закон за човековите права, побара и заштита на цивилите.
ОН во последните недели повикуваа да се обезбеди хуманитарен пристап до бегалските кампови во Тиграј.
Покрај тоа што Армијата на Етиопија постигна делумен успех во операцијата започната против Народноослободителниот фронт Тиграј (ТПЛФ) во ноември 2020 година, таа се повлече од главниот град на регионот Мекел, на 28 јуни, повикувајќи се на хуманитарната ситуација.
ТПЛФ, што владееше со провинцијата Тиграј некое време и беше активна сила во политиката на земјата, влезе во политички конфликт со партиите што ги претставуваат Амхара и Оромо, најголемите етнички групи во земјата, откако на власт дојде премиерот Аби Ахмед во 2018 година.