Bayram Altuğ
09 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) упатија апел до Саудиска Арабија да соработува со Турција во случајот на исчезнувањето на саудискиот новинар во „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сериозно сме загрижени за исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги од Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул“, истакна во изјава за АА, Равина Шамдасани, портпаролка на Високиот комесаријат на ОН за човекови права.
Шамдасани рече дека во случај да се точни вестите на медиумите дека Кашоги е убиен, тоа ќе биде шокантен случај.
„Упатуваме апел до Саудиска Арабија и Турција за една брза, непристрасна и независна истрага за исчезнувањето на Кашоги“, нагласи таа, барајќи резултатите од истрагата да бидат споделени со јавноста.
Според неа, постојат бројни прашања околу тоа што се случило по влегувањето на Кашоги во Конзулатот. „Немаме информации околу тоа што му се случи на Кашоги, но постојат бројни шпекулации и тоа е загрижувачко“, додаде таа.
Откако беше потсетена дека турските власти веќе започнале истрага за исчезнувањето на Кашпги, Шамдасани рече: „Ја повикуваме (Саудиска Арабија) да соработува (со Турција). Колку што дознавме, Турција поднесе барање за пристап до Конзулатот.“
Шамдасани информираше дека денес некои известувачи на ОН за човекови права ќе објават писмено соопштение за случајот.
Кашоги е новинар во весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), а давал придонес и во весникот „Ал ватан“ (Ал Watan), кој е важна платформа за саудиските реформисти. Тој минатиот вторник исчезна откако влегол во саудискиот Конзулат во Истанбул.