Ekip
11 Јануари 2022•Ажурирај: 11 Јануари 2022
ЖЕНЕВА
Обединетите нации (ОН) и нивните партнери денес упатија апел за финансирање од 4,4 милијарди долари за да се избегне хуманитарната катастрофа во Авганистан во 2022 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ова е најголемиот апел досега за една земја, за хуманитарна помош“, изјави за новинарите шефот на ОН за хуманитарни прашања и за итна помош, Мартин Грифитс, во Женева.
„Ова е привремено решение, апсолутно неопходна привремена мерка која ние денес ја ставаме пред меѓународната заедница. Без ова да се финансира, нема да има иднина, треба ова да се направи, во спротивно ќе има страдања.“
ОН соопштија дека на 22 милиони луѓе во Авганистан и на уште 5,7 милиони раселени Авганистанци во пет соседни земји им е потребна помош оваа година.
Агенциите за помош ја опишуваат маката на Авганистан како една од најбрзо растечките хуманитарни кризи во светот. Според Кабинетот за координација на хуманитарните работи на ОН (OCHA), половина од населението се соочува со акутен глад, а над девет милиони луѓе се раселени и милиони деца не ја следат наставата.
Во меѓувреме, високиот комесар на Обединетите нации (ОН) за бегалци, Филипо Гранди, повика на помош од 623 милиони долари за поддршка на бегалците и заедниците домаќини во соседните земји.
Тој инсистираше на тоа дека има потреба од „стабилизирање на ситуацијата внатре во Авганистан, вклучително и онаа на раселените луѓе, за да се превенира поголема бегалска криза, поголема криза на надворешно раселување.“
Грифитс побара од меѓународната заедница да не ја „затвора вратата за народот во Авганистан“.
„Хуманитарните партнери се на терен и испорачуваат и покрај предизвиците. Помогнете ни да бидеме во поголем број и да ја спречиме широко распространетата глад, зараза, неисхранетост и на крајот смртта, преку поддршка на хуманитарните планови што ги започнуваме денес“, истакна Грифитс.