Elena Teslova
11 Јануари 2022•Ажурирај: 12 Јануари 2022
МОСКВА
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денес изјави дека разговорите меѓу Русија и САД за безбедносните гаранции засега не даваат причина за оптимизам, известува Агенција Анадолија (АА).
Русија и САД во понеделникот во Женева ги започнаа разговорите за низа прашања, вклучително и за ситуацијата во Украина, проширувањето на НАТО кон исток, контролата на нуклеарното оружје, киберкриминалот и други билатерални прашања.
На дневниот брифинг во Москва, Песков им рече на новинарите дека ќе има уште неколку рунди консултации што ќе им овозможат на двете страни подобро да ги разберат нивните ставови.
„Би било наивно да се верува дека една рунда преговори ќе даде исцрпен резултат“, рече тој, додавајќи дека „работата ќе продолжи“.
Во врска со директните разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Џо Бајден, Песков рече дека „не постои подготвеност за разговор на високо ниво“.
Разговорите во Женева се одржуваат откако Путин минатиот месец го повика НАТО да започне дијалог за да ѝ обезбеди на Русија сигурни, правно обврзувачки и долгорочни безбедносни гаранции.
По првата рунда консултации во понеделникот, рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, рече дека разговорите биле „тешки, длабоки, професионални и конкретни“.
„Можевме да разговараме за прашања кои претходно се чинеа невидливо присутни... некако зад сцената. Сите разбраа дека постојат, но се преправаа дека е подобро да не се занимаваме со нив, и сега работите се нарекуваат со нивните вистински имиња, а тоа само по себе има лековито дејство врз нашите односи со Западот“, рече тој.