Behlül Çetinkaya
13 Јануари 2020•Ажурирај: 13 Јануари 2020
ИСЛАМАБАД (АА) – Четиринаесет лица го загубија животот поради најобилните снежни врнежи во последните 20 години, што ја зафатија провинцијата Белуџистан во Пакистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите на националните медиуми, дебелината на снежната покривка во покраината далеку го надминала просекот во последните 20 години.
Институтот за метеорологија на Пакистан соопшти дека во овој период просечната дебелина на снежната покривка во земјата изнесувала 50 сантиметри, но со последните врнежи снежната покривка достигнала дебелина од 1,4 метри.
На аеродромот во главниот град на покраината Куета голем број летови се откажани или пренасочени кон другите аеродроми.
Многу граѓани што беа заробени во населбите, каде што беше затворен патот, беа спасени со помош на воени возила и хеликоптери.
- Урнати се покриви поради снежните врнежи
Поради обилните снежни врнежи, голем број згради во провинцијата се урнати. Како резултат на падот на покривот на неколку куќи од керпич во провинцијата Шахабзај, загинаа вкупно 6 лица, од кои 3 деца.
Седум лица загинаа, а 4 лица се повредени во пад на покрив при церемонија на веридба во областа Кили Локман на границата со Авганистан.
Покривите се урнати поради насобраниот снег на нив. Исто така, едно лице загина и во областа Кили Чукал.
- Обилните врнежи се резултат на глобалното затоплување
Официјалниот претставник на Институтот за метеорологија на Пакистан, Азмат Хајат Хан, истакна дека врнежите од снег ќе продолжат до април, а исто така предупреди дека ќе се зголемат и врнежите од дожд.
Пополнетите брани, како што рече Хан, може да предизвикаат поплави во областа, а нивото на снежните врнежи е резултат на глобалното затоплување.
Потсетувајќи дека и на Блискиот Исток се забележани прекумерни врнежи од дожд, Хан истакна дека големите снежни врнежи во Белуџистан ќе продолжат.
Хан, исто така, нагласи дека треба да се биде претпазлив поради ризикот од лавини и лизгање на земјиштето.