Emre Gürkan Abay
31 Јануари 2020•Ажурирај: 01 Февруари 2020
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека Русија се придржува до договорот кој го склучила со Турција во Сочи, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Русија во целост се придржува до своите обврски во деескалациската зона во Идлиб“, изјави тој.
Песков одговори на изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Русија не ги исполнила своите обврски од Сочи и Астана. Тој нагласи дека не се согласуваат со овие изјави.
„Русија во целост се придржува до своите обврски за намалување на тензиите во Идлиб, но ситуацијата е далеку од посакувана. Многу терористи ја напаѓаат сириската Војска и воздушната база „Хмејмим“ во Идлиб“, изјави Песков.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, во текот на преговорите во мај 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за деескалациска зона, како уште три региони Хомс, Источна Гута и Дера-Кунејтра.
Меѓутоа режимските сили на Асад го искористија воспоставеното примирје и со поддршка на руските воздушни сили ги зазедоа сите три региони, додека Идлиб остана под контрола на опозицијата. Стотици илјади цивили од тие региони побегнаа во Идлиб и во регионите на самата сириско-турска граница.
Во Сочи на 17 септември 2018 година е постигнат додатен договор за прекин на судирите во Идлиб. Во согласност со договорот, опозициските сили наредниот месец го повлекоа тешкото вооружување од Идлиб, а силите лојални на режимот на Асад набрзо ги продолжија артилериските и воздушните напади.