Talha Yavuz
14 Декември 2021•Ажурирај: 15 Декември 2021
КИЕВ
Пет милиони Украинци можат да станат бегалци во пресрет на можна руска инвазија, изјави министерот за одбрана на Украина, Олексеј Резников, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за весникот „Политико“, Резников рече дека од неодамнешната виртуелна средба меѓу американскиот претседател Џо Бајден и рускиот колега Владимир Путин, Русија испратила уште повеќе војници на границите на Украина.
Велејќи дека има околу 100.000 руски војници стационирани на украинските граници, Резников тврди дека обидот за инвазија ќе биде катастрофа за двете страни.
Тој рече дека 15 нуклеарни централи во земјата, исто така, ќе бидат во опасност во случај на напад.
Резников рече дека Украина не е последната цел на Путин, тврдејќи дека војната може да се прошири во Европа.
Москва неодамна собра десетици илјади војници во близина на границата со Украина, што предизвика загриженост од воена акција во Украина. Според украинските власти, Москва би можела да предизвика голема ескалација во јануари.
Во 2014 година, Москва почна да ги поддржува сепаратистичките сили во источна Украина против централната влада, политика што ја одржуваше во последните седум години.