Alaattin Doğru
23 Декември 2019•Ажурирај: 24 Декември 2019
ДАКАР
Во нападот на пиратите врз рибарски бродови во централноафриканската држава Габон, која е богата со нафта, киднапирани се 4 Кинези, а убиен е еден државјанин на Габон, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во локалните медиуми, пиратите нападнале два рибарски брода на пристаништето во главниот град Либрвил.
Пиратите од првиот рибарски брод киднапирале 4 Кинези, а на вториот убиле еден државјанин на Габон.
Портпаролот на Владата, Едгард Анисет Мбумбу Мијаку, соопшти дека е започната истрага во соработка со Интерпол, додавајќи дека на пристаништето е воспоставена безбедност.
- Најопасен залив во светот
Гвинејскиот Залив, чие име се препознава по пиратските напади, познат е како најопасна морска област во светот.
Минатата недела пиратите во Гвинејскиот Залив нападнаа танкер со нафта, кој под знаме на Маршалските Острови пловел од Ангола кон Того, киднапирајќи 20 индиски морнари.
Во првата недела од ноември пиратите нападнаа карго брод под норвешко знаме, кој пловел на оддалеченост од 14,5 километри од градот Котону. Во нападот пиратите киднапираа 8 членови на екипажот заедно со капетанот.
Во јули годинава на отворено море во Нигерија, вооружени лица нападнаа турски брод, при што од 18-те членови на екипажот за 10-мина беше побаран откуп. Киднапираните морнари беа спасени во операција на безбедносните сили на Нигерија и ѝ беа предадени на Амбасадата на Република Турција во Абуџа.