Zehra Ulucak
16 Декември 2019•Ажурирај: 19 Декември 2019
ДАВАО/АНКАРА (АА) - Земјотрес со јачина од 6,9 степени по Рихтер го погоди вчера островот Минданао на Филипините, при што загинаа три лица и се сруши трикатна зграда, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Филипинските официјални претставници претходно соопштија дека е започната истрага за неодреден број луѓе за кои се верува дека се заробени под урнатините. Извлечени се три тела, а се трага по уште седум. Од под урнатините се спасени шест лица.
Институтот за вулканологија и сеизмологија на Филипините соопшти дека земјотрес со магнитуда од 6,9 степени го погодил подрачјето 6 километри северозападно од градот Падада во покраината Давао дел Сур. Земјотресот е регистриран на длабочина од 30 километри. По земјотресот не е издадено предупредување за цунами.
На тоа подрачје првите четири часа по разорниот земјотрес се забележани 179 потреси на тлото. Официјалните претставници наведоа дека се повредени повеќе од 80 лица. Прекината е и наставата во училиштата за да се анализира штетата во училиштата.
Во земјотресите со јачина од 6,6 и 6,5 степени кои на 29 и 31 октомври го погодија островот Минданао, загинаа 23 лица, а 417 се повредени.