Zuhal Demirci,Mehmet Kara
26 Декември 2017•Ажурирај: 27 Декември 2017
АНКАРА (АА) - По контроверзната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп за Кудс, одлуката за преместување на својата амбасада во Кудс ја донесе и Гватемала. Со оглед на тоа дека се работи за политичка нестабилна земја вo централноамериканскиот регион, ова прашање повторно ја покрена дискусијата за „банана републиките“, јавува Anadolu Agency (AA).
Со терминот „банана републики“ најчесто се опишувале земјите на Централна Америка, меѓу нив и Гватемала над кои во 20. век доминирал САД. Овие земји САД претежно ги користел како воени бази.
Поради економската заостанатост, односно зависноста на националната економија од земјоделието, во случајот на Централна Америка од бананите, тие земји се нарекувани „банана републики “. Освен тоа, се работи за земји кои се склони кон востанија, револуции и државни удари.
Дискусијата за „банана републики“ се појави по гласањето за резолуцијата во Генералното собрание на ОН на кое е отфрлена одлуката на Трамп за Кудс. Во фокусот секако беа земјите кои под закана на САД беа против резолуцијата, меѓу кои се Гватемала, Хондурас, Маршалските Острови, Микронезија, Науру, Того и Палау. Се работи за островски земји чија економија, со исклучок на приходите од туризмот, во потполност зависи од САД и на нозе стојат благодарејќи на американските инвестиции.
Кога станува збор за земјите како Гватемала и Хондурас, тие се најсиромашни земји од Средна и Јужна Америка. Голем дел од работната сила на овие земји се наоѓа во странство, претежно во САД.
Гватемала во 1821 година официјално прогласи независност од Шпанија, и оттогаш има многу блиски односи со САД, особено на полето на трговијата и војската.
Околу четири милиони жители на оваа земја зависат од помошта која им ја праќаат нивните роднини, кои работат во САД. Вкупната популација на Гватемала е 12 милиони, а 12 отсто од нејзиното население е под границата на сиромаштијата.
САД во наведените земји продолжува со политичкото влијание преку компаниите кои тргуваат со банани.
Американската разузнавачка агенција ЦИА објави извештаи во кои се укажува на вмешаноста на американската компанија United Fruit Company во воениот удар во Гватемала од 1954 година.
Со операцијата наречена "PBSUCCESS" од власта беше отфрлен тогашниот премиер на земјата, Хакобо Арбенс, на чие место дојде Карлос Кастиљо Армас, кој ја имаше поддршка од САД.
Она што исто така е интересно кога станува збор за Гватемала е фактот дека кон крајот на 40-тите години од минатиот век, американските научници во Гватемала спроведувале тајни експерименти за сексуално преносливи болести на луѓето. Тогаш се спроведувани тајни експерименти над 1.300 лица, а се работело за проститутки, затвореници и ментално болни лица.
Поради тајниот експеримент, поранешниот претседател на САД, Барак Обама, 70 години подоцна упати извинување до гватемалскиот претседател, Алваро Колом.
САД денес има воени бази во поголемиот дел од земјите кои гласаа против резолуцијата во ОН, а во земјите каде нема база, пружа значајна финансиска поддршка кога станува збор за војската.
Генералното собрание на ОН во четврток на 21. декември, со 128 гласови за и девет против ја изгласа резолуцијата со која ги повикува САД да го повлечат спорното признание. Гватемала беше една од деветте земји кои гласаа против резолуцијата. Гватемала кратко по тоа најави дека својата амбасада ќе ја премести во Кудс.
Министерството за надворешни работи на Палестина, реагирајќи на најавата на властите на Гватемала да ја премести амбасадата од Тел Авив во Кудс, таквата постапка ја нарече 'бесрамен дел на беззаконие'.