Aida Cako
11 Октомври 2024•Ажурирај: 13 Октомври 2024
СКОПЈЕ (АА) - Поларната светлина позната како Аурора Бореалис го осветли синоќа небото над европскиот континент и Соединетите Американски Држави (САД) формирајќи спектар од прекрасни бои, јавува Анадолу.
Фоторепортерите на Анадолу направија фотографии од небото над голем број европски земји со зелени, розеви, виолетови и други тонови на поларната светлина.
Иако поларната светлина е феномен поврзан со северниот дел на Европа, синоќа беше осветлено и небото над целиот европски континент, но и пошироко.
Овој феномен беше видлив и на небото над Туркије, САД, Канада...
Северната поларна светлина е еден од најпопуларните природни феномени и се вбројува меѓу седумте природни чуда на светот.
На северната хемисфера на Земјата таа се нарекува Аурора Бореалис, а на јужната Аурора Аустралис.
Феноменот се јавува кога наелектризирани честички од сонцето влегуваат во атмосферата на Земјата и се судираат со гасовите како азот и кислород. Овие судири создаваат светлосни ефекти кои можат да се видат во различни бои.